Ali Cura
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
МОСКВА (АА) - Претседателот на Русија, Владимир Путин, истакна дека напорите на Русија и Турција се важен елемент за меѓународната стабилност, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин во Кремљ ги прими на средба амбасадорите на 18 земји, коишто започнаа со функцијата амбасадори на своите земји во Русија.
За време на церемонијата, амбасадорите меѓу кои и амбасадорот на Турција во Москва, Мехмет Самсар, ги предадоа акредитивните писма.
Путин во своето обраќање говореше и за односите меѓу Русија и Турција, при што рече дека партнерството меѓу двете земји достигнало стратешко ниво, и информираше дека е во постојан контакт со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Рускиот претседател потсети дека во април во Москва одржале плоден состанок на Советот за соработка од високо ниво меѓу Русија и Турција.
„Успешно се спроведуваат големи и значајни проекти како нуклеарната централа „Аккују“, и гасоводот „Турски тек“. Поседуваме бројни интересни проекти и заеднички иницијативи“, рече тој.
Путин истакна дека Русија и Турција работат во насока на меѓународната стабилност.
„Координираните напори на Русија и Турција за нормализирање на состојбата во Сирија и започнувањето на мировниот процес се важен елемент за меѓународната стабилност“, додаде рускиот претседател, Владимир Путин.