Bayram Altuğ
03 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
ЖЕНЕВА (АА) - По воздушниот напад, кој силите лојални на командатот Калифа Хафтар го извршија врз мигрантскиот камп во близина на главниот град на Либија, Триполи, од организацијата „Лекари без граници“ (MSF) повикаа на евакуација на сите непријавени мигранти и бегалци во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторот за здравство на „Лекари без граници“ (MSF) во Либија, принцот Алфани, потсети дека бомбардерите на силите лојални на командантот од источниот дел на Либија синоќа го бомбардирале кампот и убиле најмалку 30 непријавени мигранти.
„Ова е страшна трагедија која лесно може да се спречи“, порача Алфани.
Според неговите зборови, во кампот се наоѓаат повеќе од 600 мигранти, жени и деца, кои не се заштитени. Алфани изјави дека екипата на „Лекари без граници“ (MSF) вчера го посетила кампот и дека утврдиле оти мигрантите се плашат за својот живот.
Тој укажа и на тоа дека ова не е прв напад врз непријавените мигранти, туку дека имало уште воздушни напади, кои се извршувани од април.
„Она што сега е потребно не е само остро осудување, туку итна евакуација на сите мигранти и бегалци“, изјави Алфани.
Калифа Хафтар на почетокот на април започна воени акции со амбициозен план за освојување на главниот град Триполи, каде што се наоѓа седиштето на Владата на национално единство на Либија.
Либија е зафатена од превирања од 2011 година, кога во крваво востание поддржано од НАТО беше соборен, а потоа и убиен повеќедеценискиот лидер Муамер Гадафи.
Острите политички поделби во таа африканска земја доведоа до формирање на две ривалски власти, една на источниот дел на Либија која ја штити генералот од периодот на владеењето на Гадафи, Хафтар, и друга во Триполи која ја поддржуваат ОН.