свет

Протестите поради убиството на Афроамериканецот во Минеаполис создадоа хаос во целата земја

Во градот Феникс во сојузната држава Аризона, на протестите кои започнале мирно, тензиите се зголемиле и демонстрантите, движејќи се кон Сојузниот парламент, фрлале камења врз полициската станица

Betül Yürük  | 29.05.2020 - Обновена : 29.05.2020
Протестите поради убиството на Афроамериканецот во Минеаполис создадоа хаос во целата земја

ЊУЈОРК

Смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд кој беше жртва на полициско насилство во американскиот град Минеаполис предизвика бран протести, кои преминаа во хаос низ целата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во вестите објавени во американските медиуми се наведува дека за време на демонстрациите во Охајо скршени се прозорците на Сојузното собрание, а полицијата употреби солзавец врз протестантите.

На демонстрациите во градот Денвер во сојузната држава Колорадо се слушнале истрели.

- Фрлени камења врз полициска станица во Аризона

Во градот Феникс во сојузната држава Аризона, на протестите кои започнале мирно, тензиите се зголемиле и демонстрантите, движејќи се кон Сојузниот парламент, фрлале камења врз полициската станица.

Во градот Портланд во сојузната држава Орегон група демонстранти пред полициската станица извикувале пароли против полициското насилство.

- Над 40 приведувања во Њујорк

На протестите во Њујорк на кои учествуваа стотици луѓе, приведена е група од 40-ина демонстранти. При демонстрациите беше забележано како полицијата, влечејќи една жена демонстрант, ја одведе до возилото за приведување.

- Приведени новинари на „Си-ен-ен“

Во Минеаполис приведен е новинар и екипа на „Си-ен-ен“ (CNN), кои ги следеле протестите во Минеаполис. Тројцата новинари подоцна се пуштени на слобода.

По убиството на Афроамериканецот Флојд, синоќа демонстрантите запалија полициска станица во Минеаполис, по што над 500 припадници на Националната гарда беа поставени на различни локации во градот, како што се банки, маркети и аптеки.

- Крикот на Флојд: „Не можам да дишам!“, на дневен ред го донесе полициското насилство 

Џорџ Флојд (46), кој беше приведен од полицијата во Минеаполис под сомнение за измама, повеќе минути го молеше полицаецот застанат со колено на неговиот врат, со зборовите: „Не можам да дишам!“

Екипите на Брзата помош пристигнале на местото на настанот и го префрлиле Флојд во болница каде што тој починал, а случајните минувачи, снимките од настанот, направени со мобилен телефон, ги споделија на социјалните мрежи.

Снимките повторно ги разгореа дискусиите околу полициското насилство над припадниците на црната раса во САД, предизвикувајќи протести во повеќе градови, првенствено во Минеаполис.

Гувернерот Валц прогласи вонредна состојба во државата, изјавувајќи дека со цел да ѝ се помогне на регионалната полиција и да се стави ситуацијата под контрола, ангажирани се припадници на Националната гарда.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın