Ekipa
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ПАРИЗ (АА) - Демонстрантите протестираа вчера низ цела Франција со Маршот на слободата, во знак на протест против полициската бруталност и новиот нацрт-закон за безбедност кој го наоѓа начинот за да помине во Парламентот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите протестираа под мотото „Стопирајте го законот за безбедност“.
Тоа беше втора сабота по ред во која во целата земја се протестира против постојното насилство од страна на полицијата и новата легислатива, од која еден елемент, членот 24, ги поддржува спроведувачите на законот и наметнува забрана за ширење фотографии и снимки од полицијата направени додека припадниците се на должност. Новинарите, медиумите и групите за човекови права се спротивставија на нацрт-законот, со кој велат дека директно се крши слободата на говорот.
На 90 протести низ Франција учествуваа 52.530 лица, а во Париз на улиците излегоа 5.000 луѓе. Маршот започна од „Порт де Лила“, метро постојката на границата на 19. и 20. арондисман, кон Плоштадот на Републиката.
Демонстрантите излегоа и во другите поголеми градови во Франција како Рен, Стразбур, Лил, Марсеј, Лион, Дижон и Нант. „Во последните три града протестите беа проследени со насилство, неколкумина полицајци беа сериозно повредени во Нант, еден со Молотов коктел“, јави францускиот дневен весник „Ле монд“ (Le Monde).
Протестите беа забранети во Бордо, Монпелје и Кан, бидејќи тамошните власти беа загрижени дека ќе излезат надвор од контрола.
Членовите на движењето „Жолти елеци“, како и работничките синдикати, присуствуваа на маршевите. Првата сабота во декември, секоја година, е ден кога синдикатите одржуваат национален митинг во знак на солидарност со работниците кои се во состојба на егзистенцијална неизвесност или се невработени.
Во главниот град, немирите избувнаа откако демонстранти фрлиле мали експлозивни направи и димни бомби врз полицијата и запалиле најмалку шест автомобили и камион на авенијата „Гамбета“. Вандализмот и палењето низ улиците, како и поставувањето привремени барикади, го карактеризираа протестот, како и кршењето на излозите од продавниците, канцелариите и банките.
Полицијата одговори со солзавец и водени топови врз демонстрантите.
Министерот за внатрешни работи, Жералд Дарманин, во објавата на Твитер ги нарече демонстрантите „многу насилни индивидуи“.
Фрустрациите од полициското однесување се катализираа во последните неколку недели со бруталното претепување на музичкиот продуцент Мишел Зеклер, 41-годишен црнец кому му пришле тројца полициски службеници на 21 ноември во студио во Париз. Снимките од 15-минутниот напад беа снимени од безбедносните камери. Нивното објавување на социјалните мрежи неколку дена подоцна поттикна немири. Тројцата полицајци беа веднаш суспендирани од министерот Дарманин.
Вчерашните протести завршија на Плоштадот на Републиката, кој на крајот беше расчистен од полицијата.
Синоќа, Министерството за внатрешни работи соопшти дека 64 лица биле уапсени низ цела Франција, 21 во Париз, од кои две малолетни лица.
Поради протестите и бранот несогласувања видлив на социјалните мрежи, новиот нацрт-закон за безбедност во моментов се преработува од страна на парламентарците.