Ekipa
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
АТИНА (АА) - Стотици бегалци учествуваа на денешниот протест во Атина, барајќи да се обединат со членовите на своите семејства кои се наоѓаат во некои други европски земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Група бегалци, главно Сиријци, направија шатор на плоштадот Синтагма, наспроти зградата на Парламентот во Атина, и најавија штрајк со глад.
Протестантите носеа транспаренти на коишто пишуваше: „Границите ги уништуваат семејствата“ и „Сакаме во Германија“. Некои од бегалците велат дека ќе штрајкуваат со глад додека не се заврши процесот на повторно обединување на семејствата.

За утре, на плоштадот Синтагма најавија и медиумска конференција во врска со проблемот. Во Грција се наоѓаат околу 60.000 бегалци.
По затворањето на границата, некои од бегалците кои пристигнаа во Грција од Блискиот Исток, останаа заробени во таа земја.
Поради бавното спроведување на програмата за обединување на семејствата, тие една година се борат да дојдат до некои други европски земји каде што се наоѓаат членовите на нивните семејства.