İslam Doğru
30 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк се одржаа протести од кои на властите во Србија им е упатен повик да ги расветлат случаите на силување и воени злосторства извршени од српските националисти во Босна и Херцеговина (БиХ), Косово и Хрватска во 1990-тите години, јавува Anadolu Agency (AA).
Собирот, чиј организатор е Албанско-американската организација на жените, се одржа пред Генералниот конзулат на Србија во Њујорк, под името „Силувањата и воените злосторства извршени од страна на Србите останаа неказнети“.
Припадниците на албанската, бошњачката и хрватската заедница во Соединетите Американски Држави (САД) од протестот упатија повик до властите во Србија за процесуирање на лицата одговорни за десетици илјади случаи на силувања и воени злосторства извршени во периодот од 1991 до 2001 година.
На собирот се обрати Марк Ѓонај, американски политичар со албанско потекло и член на Градскиот совет на Њујорк, кој изјави дека за жртвите на војните никогаш не престанале судирите на Балканот.
„Некои можеби мислат дека на Балканот војните се завршени. Но, за жртвите на силување во Босна, Хрватска и во Косово, војната никогаш не запре. Две децении по војната тие секое утро се будат свесни за фактот дека оние што ги извршиле овие ужасни злодела сè уште слободно се движат“, рече Ѓонај.
Тој нагласи дека околу 70.000 жртви на силување сè уште чекаат правда.
„Од српските власти бараме итно да преземат мерки со цел да се казнат сторителите на овие ужасни злодела извршени под знамето на таа земја“, додаде Ѓонај.
На протестите беше присутна и Васфије Красниќи, жртва на силување од Косово во 1998 година. Истакна дека цели 20 години се бори за правда.
„Србите кои ме нападнаа ми рекоа дека нема да ме убијат за да можам да чувствувам постојано страдање додека сум жива. Јас денес не сакам да седам настрана трпејќи ја мојата болка, туку гласно испраќам порака до целиот свет злосторниците да се изведат пред лицето на правдата“, порача Красниќи.