Haydar Şahin
29 Септември 2022•Ажурирај: 30 Септември 2022
ТЕХЕРАН (АА) ‒ Иранскиот главен обвинител во Лористан, Мухамед Резм, објави дека 120 лица се приведени на демонстрациите што започнаа по смртта на 22-годишниот Махса Емини, која беше приведена под образложение дека „не се придржувала на правила за хиџаб“, известува Агенција Анадолија (АА).
Иранската официјална информативна агенција ИРНА објави дека главниот обвинител на Лористан Резм, го посетил семејството на Ферид Керемпур, припадник на безбедносните сили на Лористан, кој го загуби животот во демонстрациите во Техеран.
Резм во изјавата за време на посетата истакна дека поради последните демонстрации во градот се приведени 120 лица против кои се поднесени поголем број пријави и дека обвинетите ќе ги добијат казните предвидени со закон.
Додека протестите продолжуваат, по наредба на судството, безбедносните сили започнаа бран приведувања на демонстранти кои учествуваат на протестите и ја „загрозуваат јавната безбедност“. Во тие рамки, објавен е податокот дела во Гилан се приведени 739 лица, во Мазендеран 450 лица, а во Илам, 180 лица.
Унијата на студенти на Универзитетот во Техеран објави дека се приведени најмалку 30 студенти, додека Синдикатот на новинарите на Техеран информира дека се приведени 10 новинари.
Се проценува дека вкупниот број на притворени е над 2.000.
‒ Демонстрации во Иран
Дваесет и двегодишната Махса Емини беше приведена од патролите на Иршад, познати како „Полиција на моралот“ во Техеран на 13 септември, по што ѝ се слошило и била пренесена во болница. Емини починала во болница на 16 септември, што предизвика гнев во земјата.
Демонстрациите, кои започнаа по погребот на Емини во нејзиниот роден град Сакез на 17 септември, се проширија во многу градови во Иран.
Иранската државна телевизија објави дека за време на демонстрациите животот го загубиле 41 лице, меѓу кои и припадници на безбедносните сили.