Jeyhun Aliyev
07 Јануари 2022•Ажурирај: 09 Јануари 2022
НУР СУЛТАН
Казахстанскиот претседател денеска извести дека им дал наредба на безбедносните служби да пукаат за да ги убијат оние кои ги нарече „терористи“, обвинувајќи ги дека продолжуваат со насилство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наредбата на Касим-Јомарт Токаев, службите за спроведување на законот и војската да „отворат оган за да ги убијат терористите без предупредување“ пристигна во телевизиско обраќање.
Претходно денеска ги информира безбедносните службеници дека „уставниот поредок генерално е вратен во сите делови на земјата“ и дека „локалните власти ја контролираат ситуацијата“.
„Но терористите и понатаму користат оружје и го оштетуваат имотот на луѓето. Затоа, антитерористичката операција ќе продолжи сѐ додека милитантите не бидат целосно уништени“, порача Токаев.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека починале 26 демонстранти, а уште 18 се повредени во текот на антивладините демонстрации.
„Најмалку 18 полицајци починаа во текот на насилствата во таа централноазиска земја, кои се случија на протестите одржани поради поскапувањето на горивото“, објави во четвртокот Министерството за внатрешни работи.
Протестите започнаа во западниот дел на Казахстан на 2 јануари поради покачувањето на цената на горивото, а подоцна се проширија и во други подрачја од земјата.
Како одговор, Токаев прогласи вонредна состојба во Алмати и регионот богат со нафта, Мангистау.
Токаев, исто така, ја одобри оставката на Владата.