Ahmet Dursun
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
АНКАРА
Претседателот на Иранската служба на цивилна авијација, Али Абиџаде, повторно ги демантира наводите дека украинскиот авион е соборен со проектил, наведувајќи дека вистинската причина ќе биде откриена по испитувањето на црната кутија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи денеска во Техеран, тој изјави дека е формирана комисија за истрага во врска со падот на авионот и потсети дека поради тоа допатувала и делегацијата од Украина.
Абиџаде ги повика американските и канадските официјални претставници да ги споделат со јавноста наводните докази кои ги имаат за тоа дека Иран по грешка го соборил авионот.
„Украинскиот авион продолжи да лета повеќе од минута и пол додека беше во пламен. Авионот да беше погоден од ракета, би експлодирал во истиот момент“, појасни Абиџаде.
Тврди дека пилотот се обидел да го врати авионот на аеродромот од којшто полетал.
„Авионот во земјата удри со „тело“, а не со „нос“. Со сигурност ви кажувам дека авионот не погоден од проектил. Причината за падот ќе се потврди со отворање на црната кутија“, порача Абиџаде.
Тој додаде дека анализирањето на податоците од црната кутија би можело да потрае подолг временски период.
Авионот „боинг 737“ на украинската авиокомпанија „Украина ерлајнс“, кој требаше да лета кон Киев, падна на 8 јануари кусо по полетувањето од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран. Ниту еден од 176-те патници и членови на посадата не преживеа.