Dildar Baykan
07 Ноември 2020•Ажурирај: 08 Ноември 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп, откако е објавено дека кандидатот на демократите Џо Бајден е победник на претседателските избори, рече дека изборите уште не се готови и дека Бајден лажно се претставува како претседател, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нема да застанам додека американскиот народ не добие чесно пребројување на гласовите кои ги заслужува и демократијата која ја бара", порача Трамп.
Откако е потврдено дека демократскиот кандидат Џо Бајден победи во сојузната држава Пенсилванија, освојувајќи така 270 изборни гласови потребни за влез во Белата куќа како 46. претседател на САД, Трамп даде пишана изјава.
„Сите знаеме зошто Бајден брза лажно да се прогласи за претседател и зошто сојузниците му помагаат во медиумите, не сакаат вистината да излезе на виделина", рече Трамп повторувајќи дека изборите не се готови.
Нагласи дека гласовите повторно ќе се бројат, посебно во државите во кои трката била неизвесна и дека во некои држави веќе се покренати тужби.
„Резултатите од изборите нема да ги одлучат медиумите, туку гласови кои се користени по правен пат", порача Трамп.