Потпретседателот на САД: Воената операција во Венецуела ја зголемува контролата врз енергетските ресурси
Вашингтон ќе „има поголема контрола врз енергетските ресурси што постојат во светот“, рече Џеј Ди Венс
ВАШИНГТОН (AA) – Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека воената операција на САД во Венецуела има за цел да го прекине финансирањето на наркотероризмот и да му овозможи на Вашингтон поголема контрола врз глобалните енергетски ресурси, пренесува Анадолу.
Говорејќи за каналот Салем Њуз, Венс нагласи дека САД го сакаат најдоброто и за венецуелскиот народ и за американските граѓани.
„Кој ѝ да биде лидер на таа земја ќе мора да соработува со САД“, рече тој, истакнувајќи дека претходните политики на Венецуела им овозможиле на странски конкуренти пристап до евтина енергија, додека приходите биле користени за активности што ја загрозуваат безбедноста на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 3 јануари соопшти дека воената операција резултирала со приведување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, додавајќи дека САД привремено ќе воспостават контрола врз Венецуела, вклучително и со распоредување американски војници доколку е потребно.
„Она што го направи претседателот, а што целиот тим го овозможи, е да се пресече текот на енергетските приходи кон наркотерористите и, со тоа, да се намали наркотероризмот што 'се увезува' во САД“, изјави Венс.
Тој додаде дека потегот се очекува да доведе до пониски цени на гасот и енергијата за американските граѓани, како и до спасување животи.
„Мислам дека ова ќе спаси животи. Ќе значи поевтини цени на гасот и енергијата за Американците. А можеби најважно, ќе значи дека ќе имаме поголема контрола врз енергетските ресурси во светот, што ќе ни овозможи подобри економски резултати за нашиот народ и користење на тие ресурси како средство за постигнување поголем мир и просперитет“, додаде тој.
Потпретседателот ја оцени операцијата како „многу важна“ и ја пофали нејзината реализација како „беспрекорна“.
Одделно, говорејќи за користењето на венецуелската нафта, американскиот секретар за внатрешни работи Даг Бургум за Фокс њуз изјави дека енергетската моќ на САД ѝ овозможува на земјата да презема активности против држави со големи нафтени резерви без значајни нарушувања на домашните цени на горивата.
Бургум истакна дека американските рафинерии изградени на јужниот брег на Мексиканскиот Залив се дизајнирани за преработка на тешка сурова нафта каква што се вади во Венецуела, земја што располага со најголемите докажани резерви на јаглеводороди во светот.
„Потоа, таа тешка сурова нафта треба да се разреди со полесен производ, а ние имаме вишок од таков полесен производ поради нафтата од шкрилци“, додаде тој.
Бургум ја претстави операцијата и како можност за економско закрепнување на Венецуела.
„Венецуела сега има можност да привлече капитал и да ја обнови својата економија“, рече тој, споредувајќи го потенцијалот на јужноамериканската земја со енергетското богатство на Саудиска Арабија.
„Саудиска Арабија е една од најбогатите земји во светот. Венецуела е една од најсиромашните. Не мора да биде така. Со американска технологија и американско партнерство, Венецуела може да се трансформира, а тоа е победа за оваа хемисфера и победа за венецуелскиот народ“, изјави Бургум.
