Mesut Zeyrek
09 Јануари 2025•Ажурирај: 09 Јануари 2025
КЕЛН (АА) – Бројот на постарата популација во Германија рапидно се зголемува, а Владата предвидува дека бројот на луѓе на возраст од 80 години и повеќе, кој моментално изнесува 6 милиони, се очекува да се зголеми на 8 до 10 милиони до 2050 година, јавува Анадолу.
Владата го објави својот 9. Извештај за стареењето (на популацијата), проектирајќи зголемување на бројот на стари лица на кои им е потребна грижа како што старее населението. Се предвидува дека бројот на луѓе на кои им е потребна нега, кој во 2023 година изнесуваше 5,7 милиони, до 2055 година ќе достигне 7,6 милиони.
Извештајот од 250 страници, претставен на прес-конференција во Берлин од германската министерка за семејни прашања, Лиза Паус, се фокусира на условите за живот на постарите луѓе.
Опфаќа аспекти како што се финансиската сигурност, вработувањето, грижата, здравјето, домувањето, социјалната поврзаност, политичката вклученост и меѓусебните односи.
Говорејќи на претставувањето на извештајот, Паус изјави: „Извештајот сликовито покажува колку е разновидна животната реалност на постарите луѓе во Германија. Оваа различност не само што треба да се признае, туку и активно да се промовира“.
„Без разлика на пол, потекло или социјален статус, сите постари луѓе треба да имаат еднакви можности за учество“, рече таа.
Паус, исто така, истакна дека многу жени со миграциско потекло сè уште се соочуваат со неповолни околности.
Таа додаде дека Министерството работи на стратегии, меѓу кои и со справувањето со осаменоста, за зајакнување на социјалната кохезија и обезбедување удобен и безбеден живот за старите лица.