Furkan Naci Top
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
АТИНА (АА) - Поради 24-часовниот штрајк што го организираа најголемите синдикални здруженија, низ цела Грција прекинат е железничкиот и траектниот сообраќај, како и најголем дел од јавниот сообраќај во Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Во грчката престолнина и во Солун одржани се и протести. На штрајк повика синдикатот на Конфедерацијата на грчките работнички синдикати (ГСЕЕ) и Унијата на работнички движења (ПАМЕ), барајќи на овој начин зголемување на платите и колективни договори.
Синдикатите бараат зголемување на минималните плати, кои се намалени во текот на кризата од 2010 до 2018 година. Тричасовните протести во Атина завршија без инциденти.

Поради штрајкот запрено е сообраќањето на тролејбусите, метроата и возовите, а градските автобуси сообраќаа само во одредено време. Сообраќајот е во колапс од утринските часови.
Работниците во железницата и во пристаништата поради 24-часовниот штрајк ги откажаа сите возења со траектите што го поврзуваат континенталниот дел со островите. Поради пакет-мерките за штедење, кои се во сила осум години, во Грција во голема мера се намалени платите и пензиите.
Грција од 2010 година прими три меѓународни позајмици и воведе драстични мерки за штедење, со цел да излезе од економската криза.
За да го избегне банкротот, Грција се задолжи околу 260 милијарди евра кај Меѓународниот монетарен фонд, Европската Унија и Европската централна банка.
Кон крајот на минатата година грчката Влада постигна договор со меѓународните финансиери за спроведување на потребните реформи, со цел до август оваа година да излезе од програмата за помош.