Seyit Şamil Kurt
26 Јануари 2026•Ажурирај: 27 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Моќна зимска бура што го зафати југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави (САД) предизвика откажување на повеќе од 15.000 летови и илјадници доцнења, откако снегот, мразот и ниските температури сериозно го нарушија авионскиот сообраќај, покажуваат податоците од платформата „FlightAware“, јавува Анадолу.
До 10:00 часот по Гринич, над 15.000 летови во рамки на САД, како и летови кон и од земјата, беа откажани, додека повеќе од 6.000 беа одложени.
Од неделата наваму, најмногу откажувања се регистрирани на Меѓународниот аеродром „Далас-Форт Ворт“ во Тексас, 828 летови.
Потоа следуваат аеродромот „Шарлот Даглас“ во Северна Каролина со 751 откажување, „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк со 728, „Њуарк либерти“ во Њу Џерси со 682 и „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта со 680 откажани летови.
Сериозно погодени беа и големите авиокомпании. „Американ ерлајнс“ и „Делта ерлајнс“ предничеа по бројот на откажувања, со вкупно над 4.000 откажани летови, додека „Саутвест ерлајнс“ и „Јунајтед ерлајнс“ пријавија околу 3.000 откажувања.
Проблемите во авионскиот сообраќај се појавија откако голем атмосферски систем донесе лапавица, замрзнат дожд и обилен снег од јужните делови на земјата до регионот на Нова Англија.
Повеќе од 820.000 корисници останаа без струја низ целата земја, според „poweroutage.us“.
Претседателот Доналд Трамп одобри прогласување вонредна состојба во најмалку десетина држави, додека федералните тимови за вонредни состојби и залихи беа претходно распоредени во повеќе држави, соопшти Министерството за внатрешна безбедност (DHS) во неделата.
„Администрацијата на Трамп работеше непрекинато со државните и локалните власти уште пред да започне оваа зимска бура. Одговорот на кризата се спроведува на локално ниво, предводен од државите и поддржан од федералните институции“, изјави министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, на американскатата платформа за социјални медиуми Х.