Yusuf Hatip,Tuğrul Çam
05 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
БРИСЕЛ (AA) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) на Русија ѝ дадоа рок од 60 дена да ги исполни обврските кон Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF), јавува Anadolu Agency (AA).
„И покрај тоа што Русија го кршеше договорот ние бевме трпеливи и се обидувавме Москва да ја убедиме да ги исполни своите обврски", рече Помпео на конференцијата за медиуми во Брисел по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.
Истакна дека Русија развила голем број ракети од среден дострел SSC-8 и со тоа го прекршила Договорот INF.
„Русија изигра и во врска со обврската да го надгледува производството на оружјето, а дострел на новите проектили директно ја загрозува Европа. Руските постапки сериозно ја загрозуваат безбедноста на САД и неговите сојузници. Поради кршењата на Русија, нема смисла САД да останат во договорот", рече Помпео.
Додаде дека САД на Русија и даваат рок од 60 дена да ги исполни своите обврски кон Договорот за нуклеарно вооружување (INF), напоменувајќи дека сите сојузници на НАТО се единствени во врска со ова прашање.
Истакна дека во овие 60 дена САД во рамките на договорот нема да произведат никаков ракетен истем, ниту ќе го тестираат и инсталираат.
Предупреди дека по тие 60 дена ќе стапи во сила 6-месечен период на предупредувања за напуштање на Договорот, обвинувајќи ги руските власти дека делуваат незаконски.
Напомена дека САД нема да поддржат никаков меѓународен договор со кој се загрозува неговата сигурност.
„Со големо задоволство би ја поздравиле одлуката на Русија со која би го сменила мислењето и би го уништила ракетниот систем. Имаат можност тоа да го направат во рок од 60 дена. Постојат две страни во договорот, но само една го почитува. Тоа не може да се нарекува договор", рече Помпео.
На крајот нагласи и дека сојузниците и САД нема да толерираат, како што рече, „незаконска" руска политика.
Потсетуваме, американскиот претседател Доналд Трамп во изјава минатиот месец рече дека одлучил да се повлече од Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел.
Договорот за нуклеарно вооружување од среден дострел (INF), потпишан помеѓу Вашингтон и Москва во 1987 година, забранува нуклеарно вооружување од дострел до 5.500 километри. Договорот ја формираше архитектурата на европската безбедност, намалувајќи го ризикот за нуклеарен напад.
Русија во март ги претстави новите крстаречки ракети Новатор 9M729, попознати како SSC-8, а кои имаат дострел помал од 500 километри, но тие се мобилни.
САД ја повикаа Русија поради кршење на INF и се заканија со повлекување од тој Договор, додека Москва ги негира сите обвинувања.