Ekipa
30 Јануари 2023•Ажурирај: 31 Јануари 2023
ВАРШАВА (АА) - Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, ја доведе во прашање посветеноста на Берлин во помагањето на Киев во борбата против Русија, истакнувајќи дека „не е сигурен дали Германија сака Украина да победи во конфликтот“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето дали Германците навистина сакаат Украина да победи во војната што започна минатиот февруари, Блашчак одговори: „Тоа е прашањето што секогаш го поставувам кога разговарам со германските официјални претставници.“
Тој за полското „Радио 1“ изјави дека Германија треба да обезбеди повеќе борбени тенкови за Украина и дека Варшава ќе продолжи со притисокот врз Берлин да го стори тоа.
„Има причина за овој притисок“, посочи Блашчак.
Тој упати критики кон полската опозиција за „слепото повторување на зборовите на Германија... ако владеат во Полска, би рекле дека на Украина не ѝ требаат [тенкови] Леопард или [системи за противвоздушна одбрана] Патриот. Тие би повторувале сѐ што вели Берлин“, рече тој.
„Може да се каже јасно, ако не беше полскиот притисок врз Германците, одлуката за донирање тенкови Леопард на Украина немаше да биде донесена“, нагласи Блашчак.
Полскиот министер се осврна и на изјавите на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека Германија нема да испраќа борбени авиони и копнени сили за да му помогне на Киев, откако неволно се согласи првично да испрати 14 тенкови „Леопард 2“ во Украина и им дозволи на другите сојузници да испратат од своите оклопни возила од германско производство на Киев.
„Можам само да советувам да не влегуваме во постојана војна на убедување кога станува збор за системите за оружје“, изјави вчера Шолц за весникот „Тагешпигел“.
Полска е во првите редови кога станува збор за меѓународната осуда на руската војна против Украина. Освен тоа што е домаќин на голем број украински бегалци, таа е во првите редови и за испраќање воена помош за земјата.