Murat Temizer
06 Септември 2023•Ажурирај: 07 Септември 2023
ВАРШАВА (АА) – Полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, денес соопшти дека започнале преговори со Соединетите Американски Држави (САД) за цената за купување на 96 хеликоптери од типот „Апачи“, пренесува Анадолу.
Блашчак во својата објава на социјалната мрежа Х наведе дека американскиот Конгрес ја одобрил продажбата на таа воена опрема на Полска.
„Добивме одобрение од американскиот Конгрес да купиме 96 хеликоптери 'Апачи' со радар и оружје за Полска. Почнуваме преговори за цената“, соопшти Блашчак.
Тој, исто така, рече дека во текот на процедурата за набавка и до конечната испорака воените хеликоптери „Апачи“ ќе ѝ бидат доставени на Полска од сопствените резерви на американската армија.
Полската Влада минатата година одлучи да купи хеликоптери „Апачи“ како дел од своите чекори за зајакнување на војската по избувнувањето на руско-украинската војна.