Ekipa
26 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
АЛЖИР (АА) - Ниту еден граѓанин не поднесе кандидатура за претседателските избори што треба да се одржат во Алжир на 4 јули, со што продолжува длабоката политичка криза во таа африканска земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
На полноќ истече рокот за предавање на барањата за кандидатура, а Уставната комисија на Алжир нема добиено ниту една пријава.
Еден од потенцијалните кандидати, Лахдар бин Захие, синоќа изјави дека се откажал од кандидатурата со оглед на тоа што пред него тоа го сториле и сите останати потенцијални учесници во изборната трка.
Претходно, учество во трката за нов претседател на Алжир најавуваа тројца кандидати од политичките партии и 74 независни кандидати - најмногу стануваше збор за непознати имиња од алжирската политичка сцена.
Под притисок на масовните антивладини протести оставка поднесе повеќедеценискиот претседател на Алжир, Абделазиз Бутефлика, а за привремен шеф на државата беше именуван Абделкадир бин Салих.
Бин Салих ги распиша претседателските избори за 4 јули, а опозицијата и претставниците на граѓанското општество повикаа на бојкот со барање од естаблишментот да се отстранат остатоците од режимот на Бутефлика и да се организираат транспарентни избори.
Мандатот на привремениот претседател Бин Салих истекува на 9 јули, и очигледно е дека политичката криза во земјата ќе продолжи. Алжирското законодавство нема прецизни одредби што го дефинираат транзицискиот процес во случај на бојкот на изборите.