?kipa
18 Март 2018•Ажурирај: 19 Март 2018
МАНИЛА (АА) - Во пожарот, кој денес зафати хотел и казино-комплекс во филипинскиот главен град Манила, загинаа најмалку 4 лица од вработените, 19 се исчезнати, додека 300 лица беа евакуирани, некои од нив со хеликоптери, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата соопшти дека сè уште не е познато дали пожарот, кој дури и по пет часа од избувнувањето, не е ставен под контрола, се случил во казиното или во делот на хотелот во кој се реновира.
Директорот на агенцијата за катастрофи, Џони Ју, изјави дека најмалку 6 лица се хоспитализирани поради вдишување чад, и дека меѓу загинатите се и две лица од обезбедувањето.
„Чадот е многу густ и се бориме со ветрот. Нашите пожарникари се соочуваат со големи тешкотии“, рече Ју.
Како што рече, 19 лица се водат за исчезнати, но е потврдено само дека двајца вработени, кои работат во Одделот за видеонадзор, останале во хотелот и спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до нив.
Полицијата и пожарникарите ја блокираа областа околу хотелот, кој се наоѓа во туристичката зона во главниот град на Филипините.