Burç Eruygur
19 Декември 2024•Ажурирај: 21 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека украинските сили во текот на ноќта извршиле напад на рафинерија за нафта во Новошахтинск, во јужниот дел земјата, во областа Ростов, при што настанал пожар, јавува Анадолу.
Вршителот на должноста гувернер на Ростов, Јуриј Сљусар, на Телеграм рече дека пожарот избувнал во рафинеријата за нафта во рударскиот град Новошахтинск, на само 16 километри од руската граница со Украина, откако била нападната со беспилотни летала и проектили.
Сљусар тврди дека воздушниот напад бил извршен со над триесетина беспилотни летала и три проектили и дека противвоздушната одбрана била распоредена за заштита на регионалните градови, како Ростов на Дон.
„За жал, едно лице е повредено во село во близина на Ростов на Дон при паѓање на делови од беспилотно летало“, рече тој, додавајќи дека на лицето му била укажана потребната медицинска помош.
Вршителот на должноста гувернер рече дека пожарот во рафинеријата за нафта во Новошахтинск бил изгаснат во 6:45 часот по локално време.
Во посебно соопштение руското Министерство за одбрана тврди дека во текот на ноќта во областа Ростов биле уништени 36 украински беспилотни летала.
Украинските власти допрва треба да го коментираат нападот врз рафинеријата за нафта во Новошахтинск.