Под привремена заштита во ЕУ се 4,3 милиони Украинци
- Најголем број баратели на заштита прифатиле Германија, Полска и Чешка – околу 1,3 милиони, 965.000 и 393.000 луѓе, што претставува 28,6 %, 22,5 % и 9,1 % од вкупната бројка во ЕУ.
БРИСЕЛ (АА) – Вкупно 4,3 милиони украински државјани кои избегаа од војната беа под привремена заштита во Европската Унија заклучно со 31 октомври, соопшти Евростат, јавува Анадолу.
Во споредба со крајот на септември, бројката на корисници на привремена заштита се намалила за 6.170 лица.
Најголем број баратели на заштита прифатиле Германија, Полска и Чешка – околу 1,3 милиони, 965.000 и 393.000 луѓе, што претставува 28,6 %, 22,5 % и 9,1 % од вкупната бројка во ЕУ.
Во октомври, земјите на ЕУ издале 74.175 нови одлуки за привремена заштита – втор највисок месечен број во 2025 година, по септември кога биле издадени 79.525.
Поаѓајќи од декретот на украинската Влада од крајот на август, со кој им се дозволува на мажите на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат Украина без ограничувања, бројот на нови корисници повторно порасна.
Украинските државјани сочинуваат над 98,4 % од сите лица под привремена заштита во ЕУ. Возрасните жени претставуваат 43,8 % од корисниците, малолетниците речиси една третина (30,8 %), додека возрасните мажи 25,5 %.
Привремената заштита беше воведена како одговор на масовниот прилив на раселени лица од Украина поради војната, која се приближува до својата четиригодишнина.
Во јуни, Европскиот совет донесе одлука да го продолжи механизмот за привремена заштита за Украинците од март 2026 до март 2027 година.
