Gözde Bayar
11 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турски експерт истакна дека загадувањето на планините ќе биде уште поголемо, бидејќи како резултат на пандемијата на коронавирусот сè повеќе луѓе се на отворено и се релаксираат со планинарски спортови.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА), по повод Меѓународниот ден на планините, Ерсан Башар, претседателот на Турската планинарска федерација, рече дека луѓето што повеќе престојуваат во своите домови претпочитаат да одат во природа за време на пандемијата.
Башар, инаку професор по океанологија на Техничкиот универзитет „Карадениз“ во Трабзон, истакна дека многу луѓе кампуваат и практикуваат различни планинарски активности со цел да се релаксираат и да уживаат во природата.
Нагласувајќи ја важноста на обуката за планинарење и спортување во природа, тој рече дека обуката доаѓа со висок степен на чувствителност за животната средина.
„Обуката за планинарење започнува со заштитата на природата и животната средина. Затоа, многу е важно луѓето што започнуваат со планинарење да се обучат во овој правец“, рече Башар.
„Местата за кампување се најризичните подрачја во однос на загадувањето на животната средина. Планинарите треба да ги пренесат отпадоците до контејнерите во населените места и да направат што е можно помалку отпад“, рече тој.
Предупредувајќи ги камперите да не фрлаат и мешаат никакви неприродни продукти во водите, како реките и езерата, тој рече дека овие области, кои обезбедуваат вода за пиење за многу живи суштества, се најважните извори на живот во планините.
„Ризикот од планински несреќи од неодамна се зголеми бидејќи луѓето кои одат во природа не се обучени за живот во природа. Затоа, нашата Федерација започна со онлајн обука“, додаде Ерсан Башар.
- Студии за планините -
Истакнувајќи дека студиите за планините се зголемуваат од ден на ден, тој рече дека се објавени многу научни текстови за планините, особено за фауната и флората.
„Би било корисно да се развијат проекти со учество на универзитети, невладини организации и селаните од планинските села, со цел да се стави акцент на подигање на свеста за планината“, додаде тој.
На Меѓународниот ден на планината, претседателот на Турската планинарска федерација рече дека Федерацијата го одбележува денот со организирање на различни активности.
„Студиите за подигање на свеста континуирано се спроведуваат на планините за да се зголеми почитта кон планината и да не се нарушат природните градби на планините“, истакна тој.
Бидејќи оваа година темата е „Планински биодиверзитет“, Башар рече дека биодиверзитетот треба да се заштити со зголемување на свеста.
Растечкото внимание за важноста на планините ги натера ОН да ја прогласат 2002 година за Меѓународна година на планините.
Првиот меѓународен ден беше одбележан во 2003 година.