Emre Gürkan Abay
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во однос на пожарот настанат во руската истражувачка подморница, во кој загинаа 14 морнари, нагласи дека одредени информации за пожарот нема да бидат откриени, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Песков, во изјавата за новинарите рече дека рускиот претседател, Владимир Путин, ги има сите информации за пожарот во кој загинаа 14 руски морнари.
Истакнувајќи дека е „многу нормално“ одредени информации за пожарот да не се споделуваат со јавноста, Песков нагласи: „Некои информации за пожарот се државна тајна и нема да бидат откриени. Зачувувањето на некои информации, кои се од државна и национална безбедност, не значи дека постојат некои нелегални работи“.
Песков, одговарајќи на тврдењата дека во опожарената истражувачка подморница имало нуклеарен реактор, рече: „Тоа е тема на Министерството за одбрана на Русија.“
Во вчерашното писмено соопштение на руското Министерство за одбрана се истакнува дека на 1 јули избувнал пожар во истражувачката подморница на руската морнарица.
Исто така, беше објавено дека пожарот избувнал за време на биометриските мерења и дека 14 морнари ги загубиле животите.
Според информациите на некои руски медиуми, пожарот избувнал во подморницата за разузнавање позната како „Лошарик“, која работи на нуклеарна енергија.