свет

Пентагон: Началникот на Генералштабот на американската армија, Ренди Џорџ, се пензионира

Државниот секретар за одбрана, Хегсет, според наводите, сака на оваа позиција да постави личност што ќе ја спроведе визијата на претседателот Доналд Трамп за американската армија

Esra Tekin, Diyar Güldoğan  | 03.04.2026 - Обновена : 03.04.2026
Пентагон: Началникот на Генералштабот на американската армија, Ренди Џорџ, се пензионира

ВАШИНГТОН (АА) – Пентагон денес соопшти дека генералот Ренди А. Џорџ ќе се пензионира од функцијата 41. началник на Генералштабот на американската армија, јавува Анадолу.

Во кратко соопштение Министерството зa војна изрази благодарност за неговата долгогодишна воена служба.

„Министерството е благодарно за децениите служба на генералот Џорџ за нашата земја. Му посакуваме сè најдобро во пензија“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.

Претходно телевизијата Си-би-ес њуз објави дека американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет побарал од Џорџ да се повлече и веднаш да замине во пензија.

Телевизијата, повикувајќи се на извори запознаени со одлуката, објави дека Хегсет сака на оваа позиција да постави личност што ќе ја спроведе визијата на претседателот Доналд Трамп за американската армија.

Во периодот 2021–2022 година, за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, Џорџ служеше како висок воен помошник на тогашниот секретар за одбрана Лојд Остин.

На функцијата началник на Генералштабот беше од 21 септември 2023 година, а оваа позиција обично се извршува во четиригодишен мандат.

Тројца американски официјални претставници потврдија дека Хегсет вчера разрешил уште двајца генерали: генерал-мајор Вилијам Грин Јуниор, началник на Корпусот на капелани на Армијата и Дејвид Ходн, кој раководеше со Командата за трансформација и обука на армијата.

Грин, како највисокo свештено лице во Армијата, беше одговорен да го советува високото раководство на армијата за верски, морални прашања, вклучително и верските права во рамките на армијата.

Ходн е пешадиски офицер со борбено искуство, претходно бил командант на 4. пешадиска дивизија, една од главните борбени единици на армијата, а имал и оперативни мисии во Ирак и Авганистан. Тој беше вклучен во креирањето на политиките за обука, подготвеност и модернизација на армијата.

Нивното разрешување укажува на промени не само во оперативното туку и во институционалниот и културниот слој на раководство на армијата.

Хегсет разреши повеќе високи официјални лица за време на вториот мандат на претседателот Трамп.

Минатата година беше сменет генерал-потполковникот на воздухопловството Џефри Круз, кој раководеше со Агенцијата за одбранбено разузнавање, откако процената покажа дека американските напади врз иранските нуклеарни објекти биле поограничени од тврдењата на Трамп.

Претходно беше разрешена и вицеадмиралката Шошана Чатфилд, воена претставничка на САД во Воениот комитет на НАТО, поради, како што наведе Парнел, „губење доверба во нејзиното раководење“.

Меѓу другите разрешени функционери се и претседателот на Здружениот комитет на началници на штабови, Си-Кју Браун Јуниор, генералoт на воздухопловството Тимоти Хог, командант на Киберкомандата на САД и директор на Националната безбедносна агенција (НСА), како и командантот на крајбрежната стража, адмирал Линда Фаган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın