Jeyhun Aliyev
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Околу 3.750 војници ќе бидат распоредени на границата на Соединетите Американски Држави (САД) со Мексико, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американското Министерство за одбрана (Пентагон) соопшти дека војниците ќе бидат испратени да стават бодликава жица на клучните влезни точки по должината на границата како резултат на големите конвои со мигранти кои пристигнуваат од Централна Америка за да влезат во САД.
Пентагон истакна дека дополнителното распоредување ќе биде направено за 90 дена.
„Вкупниот број на активни сили распоредени на границата како поддршка на Царината на САД и на Граничната полиција ќе достигне 4.350“, додаде Пентагон.
Минатата недела, вршителот на должноста секретар за одбрана, Патрик Шанахан, објави дека САД би можеле да испратат „илјадници“ војници на јужната граница.
Во четвртокот, американски официјални безбедносни претставници рекоа дека над 3.000 војници ќе бидат распоредени на јужната граница со Мексико, додавајќи дека дополнителните сили ќе им се приклучат на 2.300 војници кои веќе се наоѓаат таму.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, потврди дека на границата ќе бидат испратени дополнителни трупи.
„Поголем број војници се испраќаат на јужната граница за да се спречи обидот за инвазија на илегалци, преку големи конвои, во нашата земја. Ние ги запревме претходните конвои, а ќе ги запреме и овие. Со постоење на ѕид тоа би било многу полесно и поевтино. Се гради!“, напиша Трамп на Твитер.