ЕРЕВАН (АА) - Тугрул Џам
Никол Пашинјан, како лидер на коалицијата, со освоени 70,4 отсто од гласовите извојува убедлива победа на предвремените парламентарни избори во Ерменија што се одржаа на 9 декември. Тој со изјавата „промена“, последната година стана дел на агендата на политичката сцена во земјата. Пашинјан за кратко време му стави крај на владеењето на Серж Саркисјан, ја презеде власта, земјата ја однесе на вонредни избори на кои победи со огромно мнозинство, и со тоа ја зајакна својата моќ.
Името Никол Пашинјан во Ерменија е познато со години наназад, но меѓународната заедница неговото име почна да го слуша во првите месеци од 2018 година. Всушност, поранешниот новинар Пашинјан, со години беше во политиката, но во преден план се појави во април годинава.
Поранешниот претседател Серж Саркисјан ја водеше земјата 10 години. По спроведените уставни промени, претседателската позиција доби повеќе симболична функција, а на премиерот му се даваат широки овластувања. Во Парламентот, како претседател на мнозинската партија, Саркисјан беше избран за премиер на државата, иако тој претходно имаше изјавено дека по завршувањето на претседателската функција нема да биде премиер. Тоа беше причина за реакција на ерменската опозиција. Десетици илјади лица, излегувајќи на Републичкиот плоштад во Ереван, побараа Саркисјан да ја напушти власта. На протестите, со своите огнени говори и облечен во маскирана шарена кошула, лидерството го презеде Никол Пашинјан.
Пашинјан и неговите поддржувачи на улиците излегоа со барања, како што се крај на „политичката олигархија“, борбата против корупцијата, економските реформи, повеќе демократија и слобода. Поради протестите кои траеја со денови, Саркисјан беше принуден да поднесе оставка. Саркисјан на еден изненадувачки начин ја напушти власта со зборовите „Пашинјан беше во право, јас не бев во право“.
Партијата на Пашинјан во тој период во Собранието имаше 9 пратеници. Парламентот што го сочинуваат 105 пратеници, беше принуден за премиер да го избере Пашинјан, кој ја имаше поддршката на демонстрантите.
Пашинјан, чувствувајќи дека моќта на улиците е зад него, посака да ја зајакне својата моќ, барајќи да се оди на предвремени парламентарни избори. Имаше за цел да освои поголем број пратеници во Парламентот и преземајќи го мнозинството, политички да може многу полесно да дејствува.
- Кој е Пашинјан?
Никол Пашинјан е роден во 1975 година. Студирал Новинарство на Ерменскиот државен универзитет, но не дипломирал. Поради неговите политички активности, на крајот на 4. година бил отпуштен од факултетот, но како причина за отпуштањето била прикажана неговата нередовност. Од друга страна, неговите соученици тврдеа дека училишната администрација реагирала поради неговата статија, напишана против корупцијата.
Пашинјан долго време работел како новинар, бил уредник на „Ермениан тајмс“ (Armenian Times), еден од најтиражните весници во Ерменија, кој е познат по критиките упатени кон владите на Роберт Кочарјан и Серж Саркисјон.
Пашинјан, во 2000 година, како уредник на весникот беше суден под обвиненија за навреди и клевети врз многу луѓе и беше прогласен за виновен.
Во 2004 година во Ереван пред канцеларијата на Пашинјан експлодираше неговото паркирано возило. По овој настан, Пашинјан го обвини богатиот бизнисмен Гагик Тсарукјан дека го организирал обидот за негово убиство.
Во весникот со кој раководеше Пашинјан, претходно беше објавена вест за Тсарукјан, во која се тврдеше дека богатиот бизнисмен исекол голем број дрвја за да изгради вила. По настанот полицијата спроведе истрага, според која до експлозијата и пожарот кој настанал потоа, дошло поради технички проблем во возилото.
Името Пашинјан се слушна и на протестите што се одржаа во Ерменија по изборите на 19 февруари 2008 година. Откако Левон Тер Петросијан, првиот претседател на Ерменија, објави дека ги загуби изборите, неговите поддржувачи одржаа демонстрации со образложение дека имало измами на изборите. На демонстрациите спроведени на 1 март 2008 година, по грубата интервенција на полицијата, животот го загубија 10 лица, а повеќе од 100 демонстранти беа уапсени.
Пашинјан на демонстрациите, познати како „Настани од 1 март“, ја поддржа страната на Петросјан и беше нејзин лидер. По завршувањето на протестите, против Пашинјан беше издадена потерница под обвинение дека предизвикал масовен хаос и убиства. По издадената потерница, Пашинјан извесен период исчезна од јавноста. Тој во 2009 година престана да се крие и се предаде. По две години беше ослободен од затвор со амнестијата што беше воведена за политичките осуденици.
Во тој период претседател на Ерменија беше Роберт Кочерјан. Години подоцна, кога Пашинјан ја презеде власта, уште еднаш на дневен ред ги донесе Кочерјан и настаните од 2008 година. Бидејќи Кочерјан беше посочен како одговорен за настаните од 2008 година, против него беше подигнат судски процес и на два дена пред предвремените избори на 9 декември 2018 година, тој беше приведен.
По ослободувањето од затвор, Пашинјан ја започна својата политичка кариера. Беше избран за пратеник на изборите што се одржаа во Ерменија во 2012 година. Партијата на Партишјан, наречена Социјален договор, се избори за 9 пратенички места во Парламентот кој брои 105 пратеници.
Партијата на Пашинјан освои 21 отсто од гласовите на локалните избори во Ереван во 2017 година и беше втора по Републиканската партија на Серкисјан. Републиканската партија освои 71 процент од гласовите.
Пашинјан по демонстрациите во април годинава, ја зголеми својата моќ. На изборите за градоначалник на Ереван, одржани во септември 2018 година, 81 отсто од гласовите освои кандидатот на коалицијата во која се наоѓаше и партијата на Пашинјан.
- Ќе се бори за рамнотежа во надворешната политика
Никол Пашинјан имаше моќни говори на полето на внатрешната политика во Ерменија, но тој досега не понуди впечатливи говори за надворешната политика на неовата земја.
Пашинјан вети промени во земјата, а на полето на надворешната политика, наместо промени, ќе се обиде да ги продолжи досегашните долгогодишни политики.
Тој истакнува дека не е проруски, проевропски или проамерикански ориентиран. Политичките аналитичари кои ја следат работата на Пашинјан истакнуваат дека тој, без да ја расипе рамнотежата со Русија, ќе се обиде да ги развие односите на неговата земја со Западот, но аналитичарите посочуваат на потешкотиите при одржувањето на таквиот баланс и фактот дека Москва одблизу ја „следи“ Ерменија.
news_share_descriptionsubscription_contact
