Fatih Hafız Mehmet,Sibel Uğurlu,Canberk Yüksel
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
КИЕВ/АНКАРА (АА) - Еден член на организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) загина, а двајца се повредени кога нивното возило вчера налета на нагазна мина во источна Украина, велат официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Од украинскиот Центар за борба против тероризмот се вели дека инцидентот се случил во 10.17 часот по локално време (0717GMT), во близина на малото село Пришиб во регионот Лухаљск, кој е под контрола на проруските сепаратисти.
Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Украина соопшти дека патролното возило на ОБСЕ со шест членови и две оклопни возила претрпеле сериозна експлозија.
„Како резултат на инцидентот, еден член на ОБСЕ загина и други двајца членови повредени во експлозијата се однесени во болница на понатамошен третман“, се вели во соопштението на специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина на официјалниот профил на „Твитер“.
Заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ, Александар Хуг, изјави дека загинатиот член бил американски државјанин, а другите двајца повредени се германски и чешки државјанин.
Украинскиот претседател Петро Порошенко вети дека ќе одговараат оние што стојат зад експлозијата.
„Безбедноста и слободното движење на мисијата мора да бидат загарантирани“, изјави Порошенко.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека се шокирани и длабоко потресени од смртта на Американецот кој работел во Украина како болничар, изразувајќи сочувство до семејството и посакувајќи им брзо закрепнување на повредените.
„Оваа смрт укажува на опасните условите под кои работат овие храбри набљудувачи, вклучувајќи ги рестрикциите за пристап, заканите и малтретирањето“, изјави портпаролот Марк Тонер во соопштението.
„САД ја повикаа Русија да го употреби своето влијание на сепаратистите за да му се овозможи на ОБСЕ да спроведе целосна, транспарентна и навремена истрага“, додаде Тонер.
Руското Министерство за надворешни работи во соопштение ја оцени експлозијата како провокација.
„Јасно е дека сличните настани и ескалации на тензиите ќе ги искористат оние што не се засегнати од спроведувањето на политичките, економските и социјалните одредби од Договорот од Минск“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, турското Министерство за надворешни работи изрази сочувство до Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ (СММ) во Украина.
„Инцидентот ја покажува тешката и опасна природа на должноста што ја извршуваат вработените на СММ. Нагласуваме дека нивната работа треба да се олесни и да се обезбеди нивната сигурност и безбедност под какви било околности“, се вели во соопштението на министерството.
Украина е зафатена од конфликт од март 2014 година, по руската анексија на Крим од нелегалното гласање за независност.