Ekipa
10 Август 2017•Ажурирај: 11 Август 2017
ЛОНДОН (АА) - Папата Франциско им нареди на католичките хуманитарни организации во Белгија да престанат да нудат можност за еутаназија во своите психијатарски установи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во мај, организацијата „Хуманитарни браќа“ соопшти дека на лекарите ќе им дозволи еутаназија во 15 свои психијатарски болници во Белгија. Тоа е единствената држава покрај Холандија во којашто на лекарите легално им е дозволено убиство на лицата со ментални проблеми на нивно барање.
За да ги исполнат условите, лицата мораат да бидат во состојба на неподносливо страдање и мораат да бидат консултирани најмалку тројца лекари, вклучувајќи психијатар.
Организацијата во соопштението истакнува дека еутаназијата ќе биде спроведена само во случај да не постојат никакви можности за алтернативен третман и оти таквото барање ќе биде разгледано со најголемо внимание.
„Ја почитуваме слободата на лекарите да извршат или да не извршат еутаназија“, се вели во соопштението и се додава дека таквата слобода е допуштена со закон.
Од прес-службата на Ватикан соопштија дека папата побарал од Белгијците да престанат со ваквата практика. Католичката црква се противи на еутаназијата.
Од административниот центар на белгиската хуманитарна организација во Рим, во мај соопштија дека дозволувањето на еутаназијата е против основните принципи на Католичката црква.
„Ова е првпат католичка организација да тврди дека еутаназијата е нормална медицинска практика којашто спаѓа во слободата на избор на медицинските работници“, напиша Рен Стокман, претседател на организацијата. Тој додаде дека таквата одлука е нелојална, неприфатлива и срамна.
Поголемиот дел од пациените кои бараат еутаназија во Белгија страдаат од смртоносни болести како рак или дегенеративни заболувања. Само три отсто од 4.000 случаи на еутаназија годишно се извршуваат поради ментални проблеми на пациентите.