Gizem Nisa Çebi
28 Декември 2024•Ажурирај: 30 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино категорично ги отфрли тврдењата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека кинески војници го контролираат Панамскиот Канал, нарекувајќи го ова тврдење „бесмислица“, јавува Анадолу.
„Нема кинески војници на Каналот. Вие слободно, и целиот свет, можете да го посетите Каналот ако сакате“, рече Мулино на прес-конференција во четвртокот.
„Она што [Трамп] го кажа за ова прашање е бесмислица; такво нешто не постои“, додаде тој.
Сето ова започна на Божиќ кога Трамп на мрежата „Truth Social“ постираше објава саркастично посакувајќи им среќен Божиќ на „прекрасните војници на Кина, кои со љубов, но нелегално, управуваат со Панамскиот Канал“.
Тој ја обвини Панама за „отстранување“ на САД и рече дека САД биле принудени да потрошат „милиони долари парични средства за 'поправки'“ без никаков глас за функционирањето на Каналот.
Панамскиот претседател го нагласи суверенитетот на Каналот и ги отфрли заканите на Трамп дека ќе ја преземе контролата над водениот пат.
„За суверенитетот и независноста на нашата земја не се преговара“, изјави Мулино, повторувајќи дека Панама има сопственост на Каналот и дека таа управува со него.
- Критиките на Трамп за надворешната политика -
Трамп, кој минатиот викенд, исто така, ја изнесе идејата за американска сопственост на Гренланд во посебна објава, беше гласен за она што тој го смета за нефер практики од страна на другите земји.
Во последниве месеци, тој ги критикуваше Канада и Мексико за трговската и граничната политика и го исмеваше канадскиот премиер Џастин Трудо, сугерирајќи дека Канада може да стане 51-та американска сојузна држава.
Мулино повтори дека Панамскиот Канал останува целосно под контрола на Панама и дека Кина не игра никаква оперативна улога.
„Нема Кинези на Каналот. Ниту Кинезите, ниту која било друга сила не се на Каналот“, рече тој, додавајќи дека секое кинеско присуство во областа е ограничено на туристи или патници на бродовите за крстарење.
Панамскиот Канал, витална трговска рута што ги поврзува Атлантскиот и Тихиот Океан, е управувана исклучиво од Панама.
Додека компанија со седиште во Хонг Конг управува со две пристаништа во близина на влезовите на Каналот, Мулино нагласи дека тоа е далеку од кинеско влијание врз неговите операции.
„Повторувам, нема апсолутно никакво кинеско мешање или учество поврзано со Панамскиот Канал“, рече Мулино.