Elena Teslova
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
МОСКВА (АА) - Лидерите на сите големи палестински политички групи велат дека тие нема да го прифатат американскиот план наречен „Договор на векот“, за воспоставување палестинска држава во Појасот Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција во Москва, одржана по три дена дискусии, претставниците на 12 палестински фракции се обединија во отфрлањето на американскиот план, за кој тие велат дека „ќе ги затвори Палестинците во Појасот Газа и ќе ги отсече од остатокот од светот“.
Претставникот на Фатах, Азам ал Ахмад, рече дека планот претставува „замка“, велејќи: „Доколку ова сценарио се изврши, дури и небото над Палестина ќе биде окупирано“.
Зборувајќи за АА, Ал Ахмад нагласи: „Планот на САД повикува на формирање палестинска држава во Појасот Газа и делови од Синајскиот Полуостров во Египет, но без граници со ниту една земја, освен со Израел.
„Планот дури не им го дозволува на Палестинците нивното барање за главен град во Источен Ерусалим“, додаде тој.
„Без аеродром и блокирани од сите страни од страна на Израел, Палестинците ќе бидат екстремно зависни“, изјави Ал Ахмад и додаде: „Тоа ќе биде како создавање палестинско гето“.
Водечкиот член на Хамас, Муса Абу Марзук, ја критикуваше американската иницијатива нарекувајќи ја „ционистички заговор“.
„Не можеме да дозволиме Појасот Газа да биде изолиран“, изјави тој и рече: „Го отфрламе американското решение за овој проблем, кое тие го нарекуваат „Договор на векот“.
Претставниците на палестинските фракции, исто така, ја критикуваа големата конференција за Блискиот Исток, која денес започна во Варшава, опишувајќи ја како обид за прикривање на палестинскиот проблем.
Додека меѓупалестинските разговори во Москва завршија без потпишани документи, претставниците на фракциите ја завршија прес-конференцијата со итни повици за национално помирување, бидејќи само обединета Палестина може да одолее на оваа американско-израелска конспирација.