Şule Özkan
15 Јануари 2024•Ажурирај: 21 Јануари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Краткиот филм на палестинскиот режисер Омар Рамал насловен „75 години“, кој зборува за израелската окупација и злосторствата врз палестинскиот народ, ги критикува организациите за човекови права, јавува Анадолу.
Краткиот филм, објавен на 10 декември, на Светскиот ден на човековите права, досега го погледнале повеќе од 50 милиони луѓе.
„Го документирам она што се случува во мојата земја, Палестина, вклучително и моето семејство и пријателите. Ги документирам настаните за идните генерации да не заборават што се случило“, изјави за Анадолу Омар Рамал, кој живее во Јордан.
„Додека го правам ова, се фокусирам на хуманитарните прашања бидејќи сакам да влијаам врз луѓето, да ги допирам нивните емоции и да ги натерам да размислуваат“, додаде Рамал.
Тој појасни како во својот краток филм ги критикува организациите за човекови права.
„Поминаа 75 години од усвојувањето на Општата декларација за човекови права, се сетив дека Палестина е под окупација исто толку време, веќе 75 години. Оваа ситуација ми се чинеше чудна. Беше доста провокативно што датумот на потпишување на декларацијата се совпадна со годините на палестинската окупација. Затоа во краткиот филм ги критикував организациите и институциите за човекови права“, изјави Рамал.
Тој посочи дека принципите на човековите права не важат подеднакво за сите во светот, а особено за Палестинците.
„Израелската окупација ги крши правата на Палестинците, но никој не го повикува Израел на одговорност. Тоа го изразив во мојот краток филм. Сакав луѓето да почувствуваат колку е нарушен угледот на организациите за човекови права поради двојните стандарди“, додаде тој.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас, во кој Тел Авив тврди дека се загинати 1.200 луѓе.
Оттогаш, според палестинските здравствени власти, загинале најмалку 24.100 Палестинци, главно жени и деца, а 60.834 се повредени.
Според податоците на ОН, 80 отсто од населението на Газа веќе е внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.