Ahmed Asmar
01 Април 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
АНКАРА (АА) – Палестинскиот новинар Мухамед Ал-Бардауел и неговото семејство загинаа во израелскиот воздушен напад врз нивниот стан во градот Кан Јунис, на јужниот дел на Појасот Газа, соопшти денес локалното радио „Ал-Акса“, јавува Анадолу.
„Криминалната израелска окупациска армија, гаѓајќи ги палестинските новинари, очајно се обидува да ја замолчи палестинската реторика и да ја прикрие вистината“, се вели во соопштението.
Со неговата смрт бројот на палестински новинари убиени од израелската агресија врз Газа од 7 октомври 2023 година се искачи на 207.
Израел започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа на 18 март, убивајќи повеќе од 1.000 лица и ранувајќи над 2.000, со што беше прекинат јануарскиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Израел и палестинското движење Хамас.
Од почетокот на израелската воена офанзива во октомври 2023 година во Газа досега се убиени повеќе од 50.000 Палестинци, при што повеќето жртви се жени и деца.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Истовремено, Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната против енклавата.