Wassim Samih Seifeddine,Mahmut Geldi
07 Февруари 2024•Ажурирај: 08 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинските извори објавија дека Хамас го прифатил планот што предвидува три фази за размена на заробеници и прекин на огнот во Појасот Газа, при што секоја фаза ќе трае 45 дена, јавува Анадолу.
Во разговор за АА, палестинските извори пренесоа детали од одговорот на Хамас на понудата за размена на заробеници и прекин на огнот во врска со „рамковниот договор“.
Изворите информираа дека Хамас ја прифатил понудата и подготвил нацрт што ќе биде дел од рамковниот договор. Хамас го прифати планот што предвидува три фази на размена на заробеници и прекин на огнот во Газа, а секоја ќе трае 45 дена.
Палестински извори откриваат дека првата фаза од договорот вклучува ослободување жени, деца и стари лица од двете страни. Побарано е и бројот на возила на хуманитарната помош што влегуваат во Појасот Газа во текот на првата фаза да не биде помал од 500 дневно.
Во првата фаза од договорот побарано е целосно укинување на ограничувањето на враќањето на раселените во Појасот Газа.
„Првата фаза на планот, исто така, вклучува повлекување на израелските сили од населбите од сите региони на Појасот Газа“, соопштија палестински извори.
Хамас побара болниците во Газа да се стават во функција во првата фаза, како и поправка на болниците што се оштетени во нападите.
„Во втората фаза од планот, од Израел се бара да ослободи некои палестински затвореници во замена за ослободување на заробените израелски војници што Хамас ги држи во Газа во рок од 45 дена. Во втората фаза Хамас бара и целосно повлекување на израелските сили од Газа“, велат палестинските извори.
Размената на телата меѓу двете страни, која е предвидена во рок од 45 дена, е трета фаза од планот, а изворите откриваат дека тој процес вклучува и одржување преговори за „ставање крај на војната“.
Хамас со наведениот план предвидува преговорите што ќе започнат во првата фаза да завршат во втората фаза, со цел да ѝ се стави крај на војната.
Палестинските извори известија дека Хамас во анексот детално напишал кои затвореници ќе бидат пуштени во секоја фаза и побарал ослободување на сите Палестинци приведени по 7 октомври.
Хамас вчера објави дека својот одговор на рамковниот договор го пратил до Египет и Катар.
Во соопштението, во кое се истакнува дека Хамас доставил свој одговор по консултациите со палестинските групи, се наведува дека Хамас „ја поздравил понудата бидејќи гарантира целосно и сеопфатно примирје, прекин на нападите врз палестинскиот народ, укинување на блокадата на Појасот Газа, гарантира обнова и завршување на процесот на размена на заробеници“.