Qais Omar Darwesh Omar
30 Ноември 2023•Ажурирај: 01 Декември 2023
РАМАЛА (АА) - Палестинската активистка, која беше еден од симболите на палестинскиот отпор, Ахед Тамими, денес изјави дека најмалку 10 затворени жени од Појасот Газа се држат во многу лоши услови во израелските затвори јавува Анадолу.
Тамими го изјави ова по нејзиното ослободување како дел од шестата размена на затвореници според договорот меѓу палестинската група на отпорот, Хамас, и Израел.
Дваесет и тригодишната активистка за Анадолу изјави дека „радоста (за слободата) е значително намалена поради масакрите извршени во Појасот Газа“.
„Зад себе оставивме околу 30 затворени жени, вклучително и 10 од Појасот Газа, кои беа приведени во неодамнешната израелска копнена операција (што започна на 27 октомври) и нивната ситуација е многу лоша“, рече таа.
„Условите во затворот се многу тешки, затвореничките секојдневно се малтретирани. Тие се оставени без вода и облека, спијат на подот и се подложени на физичка тортура.“
„Израелските власти ми се заканија дека ќе го имаат како цел татко ми ако кажам нешто за тоа што се случува во затворот. И покрај сè, ние сме посилни од окупацијата. Ќе продолжиме (да се спротивставуваме) до слобода“, додаде таа.
Израелските сили го приведоа таткото на Тамими во октомври од неговиот дом во Наби Салех, западно од градот Рамала, на окупираниот Западен Брег. Тој останува в затвор.
Израелската армија за првпат ја приведе Тамими уште како помала, по рација на нејзината куќа.
Во 2017 година таа беше приведена од страна на израелските сили откако видеото стана вирално, на кое се гледа како тогаш 16-годишната девојка ги турка и удира израелските војници кои сакаат да влезат во нејзината куќа.
Тамими доби осум месеци затвор за „напад“ на израелски војник.
Оттогаш таа стана меѓународен симбол на отпорот против израелската окупација на Западниот Брег.