Esat Fırat
26 Февруари 2025•Ажурирај: 27 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинецот Мохамед Абу Тавила, кој една година беше заробен од Израел, остана без едно око и се здоби со сериозни хемиски изгореници по телото како последица на тортурата што ја претрпи во центарот за притвор, известува Анадолу.
Измачувањето на кое беше подложен една година во израелскиот центар за притвор палестинскиот затвореник Абу Тавила, ослободен пред околу една недела, е прикажано на сликите објавени на социјалните мрежи од новинарите Висам Насар и Валид Хуран од Газа.
Абу Тавила е еден од стотиците Палестинци кои биле подложени на најжестоки форми на тортура во центарот за притвор „Сде Тејман“ во Јужен Израел, каде што е документирана смртта на најмалку 36 Палестинци.
Трагите од мачење на кожата на инженерот Абу Тавила откриваат дека врз приведениот Палестинец биле употребени деструктивни хемикалии.
Приведен во Појасот Газа за време на израелската офанзива, Абу Тавила бил подложен на брутални испрашувања со физичка и психичка тортура.
Меѓу методите на тортура што се користеле врз него се измачување со струја, студена вода под притисок, интензивно тепање и корозивни хемикалии. Како резултат на овие мачења Абу Тавила изгубил едно око и се здобил со сериозни изгореници на кожата.
Абу Тавила бил ослободен со рацете врзани со лисици и гол, бил принуден да пешачи долго, а кога стигнал до граничната порта Керем Абу Салим, неговата здравствена состојба била пријавена како исклучително критична.
Лекарите што го лекувале во болницата каде што бил пренесен изјавиле дека на Абу Тавила му е потребна интензивна медицинска и психолошка поддршка за да се справи со физичките и психолошките ефекти од тортурата што ја доживеал.
Упатени се повици до меѓународните институции и организации за евакуација на Абу Тавила, кој нема можности да се лекува во Појасот Газа, каде што здравствените услуги и медицинските установи се блиску до нула поради израелските напади.
- Центарот за притвор „Сде Тејман“ често во вестите поради тортурата
Центарот за притвор „Сде Тејман“ во Јужен Израел, каде што се чуваат притворените жители на Газа, често е во вестите поради тортурата.
Минатиот месец „Њујорк тајмс“ објави дека жителите на Газа, приведени во центарот за притвор „Сде Тејман“, се принудени со врзани очи и со лисици на рацете да седат тивко на земја на отворен простор до 18 часа на ден.
Во извештајот се истакнува дека Палестинците донесени во центарот за притвор остануваат таму до три месеци и дека многумина биле подложени на нехумано постапување и тортура за време на процесот на испрашување.
Некои жители на Газа што ги држеле во центарот за притвор, а подоцна биле ослободени, зборуваа за тортурата на која биле подложени во „Сде Тејман“.