Ekipa
26 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
НАБЛУС (АА) - Група млади Палестинци на магариња и во придружба на водич тргнаа на турнеја во посета на палестинските историски дестинации на Западниот Брег, а целта е да се поддржи развојот на домашниот туризам во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Младите од Наблус турнејатаја започнаа со посетата на станицата на железничката пруга Хиџаз во местото Месудије, каде што водичот им даде основни информации за историскиот инфраструктурен проект.
Учесниците потоа продолжија низ местото Санастије, каде што низ 20-километарската долина се простира плантажа со маслинки и со бадеми, а на интересни места правеа паузи и ги хранеа магарињата.
Еден од организаторите на туристичката тура со магариња, Mуфиг Ал Хаџ, рече дека желбата на иницијаторите беше да се започне нешто ново и да се поттикне истражувањето на сопствената историја и наследство.
„Турата за татковината ја почнавме во пролет и ја нарековме тура на магариња. Сакаме да го поддржиме развојот на домашниот туризам. Многу учесници за првпат во животот јаваа, а за сите нас ова е едно интересно искуство“, рече Хаџ.
Истакнувајќи дека за време на турата ќе ги посетат и териториите кои се под израелска окупација, Хаџ истакна дека на овој начин патуваат и учат за својата татковина, за заштитата на околината и животните.
„Главниот услов е сите учесници за време на турата да користат исклучиво палестински производи и да ги бојкотираат производите од Израел“, изјави Хаџ, додавајќи дека одзивот на младите е помасовен отколку што се очекуваше и дека трошоците се симболични, 20 долари за едно лице.
Ахмед Давуд преку социјалните мрежи дознал за турата со магариња и за АА изјави дека е пресреќен што се приклучил и што може да ужива во пролетната турнеја во најубавите делови на Палестина.