Said İbicioğlu
07 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
РАМАЛА
Министерството за надворешни работи на Палестина објави дека подготвува листа со имиња на организации на еврејски доселеници за процесуирање на злосторствата направени на палестинската територија под окупација на Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека е од големо значење да се процесуираат злосторствата направени на окупираната палестинска територија.
„Во подготовка е листата на имиња и елементи на еврејските терористички организации кои изведуваат напади на палестинските граѓани. Правните стручњаци ќе ги потврдат најсоодветните правни механизми за нивно процесуирање“, наведуваат од Министерството.
Тие додаваат дека ги следат еврејските терористички елементи, напоменувајќи оти очекуваат дека тоа ќе ги донесе израелските службеници што се вмешани во злосторствата направени на окупираната палестинска територија до судење пред Меѓународниот кривичен суд.
Во соопштението се најстрого осудени континуираните и сè почести напади на вооружените израелски доселеници и нивните терористички организации врз беспомошните палестински граѓани.
Уште се наведува дека Владата на Израел со премиерот Нафтали Бенет пружа поддршка и заштита на доселениците и нивните терористички организации, во политичка, правна, логистичка, образовна и финансиска смисла.
Во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) постојат 13 нелегални еврејски населби и 253 на Западниот Брег. Повеќе од 660.000 еврејски доселеници што живеат во тие места дополнително им го отежнуваат животот на Палестинците кои живеат под окупација.
Според меѓународното право, сите еврејски населби на окупираната палестинска територија се сметаат за нелегални.