свет

Откриени масовни гробници во источниот дел на ДР Конго

- Гробниците, во кои се пронајдени најмалку 170 тела, се откриени во населбите Киромони и Кавимвира, на периферијата на градот, изјави гувернерот на провинцијата, Жан-Жак Пуруси

James Tasamba  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
Откриени масовни гробници во источниот дел на ДР Конго

КИГАЛИ (АА) - Властите во источниот дел на Демократска Република Конго соопштија дека се откриени две масовни гробници во провинцијата Јужен Киву, во области во близина на градот Увира, од каде што се повлекоа бунтовниците М23, јавува Анадолу.

Гробниците, во кои се пронајдени најмалку 170 тела, се откриени во населбите Киромони и Кавимвира, на периферијата на градот, изјави гувернерот на провинцијата, Жан-Жак Пуруси.

Пуруси рече дека постои сомнение оти станува збор за жртви на бунтовничката група М23, кои биле убиени под сомнение дека соработувале со владините сили и провладините милиции.

„Досега откривме две локации. На едната, во Киромони, кон границата меѓу Конго и Бурунди, имаше околу 30 тела, а на другата, во Кавимвира, пронајдени се 141 тело“, изјави тој.

Според локалните власти, жителите ги известиле надлежните поради непријатната миризба откако обилните дождови делумно ги откриле гробниците.

Претставници на граѓанското општество соопштија дека е откриена уште една масовна гробница во градот Санге, на околу 30 километри од Увира, каде што се извадени 10 тела.

Немаше непосредна реакција од Алијансата Флев Конго (АФЦ/M23), бунтовнички сојуз во источниот дел на земјата, во кој е вклучена и групата М23.

Групата го зазеде стратегискиот пограничен град Увира во декември, но по неколку дена се повлече под меѓународен притисок.

Во јануари, „Хјуман рајтс воч“ ги обвини бунтовниците дека им се заканувале и ги вознемирувале цивилите што биле перципирани како противници на нивниот бунт за време на окупацијата на Увира.

Мисијата за стабилизација на Организацијата на ОН во Демократска Република Конго (MONUSCO) треба да распореди сили во Увира, со цел да го надгледува прекинот на огнот меѓу Владата на Конго и бунтовниците на AФЦ/M23, соопшти претходно овој месец претставник на ОН.

Бунтовничката група М23, која според Обединетите нации и западните земји е поддржана од соседна Руанда, контролира значителни територии во источниот дел на Конго, вклучително и провинциските престолнини Гома и Букаву, заземени на почетокот на 2025 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.