Abdulselam Durdak
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ФРАНКФУРТ (АА) - Вработените од авиокомпанијата „Рајанер“ (Ryanair) во Германија стапија во еднодневен предупредувачки штрајк поради кој се откажани 150 летови, јавува Anadolu Agency (AA).
Сите пилоти и вработени на „Рајанер“ во Германија стапија во штрајк кој го организираат двата најголеми синдикати на пилоти во таа земја.
Од вкупно планираните 400 летови, компанијата „Рајанер“ откажа 150 линии, што создаде проблеми на десетина илјади патници.
Раководството на „Рајанер“ ги предупреди штрајкувачите дека во случај на продолжување на запирањето на работата ќе отпушти одреден број вработени и ќе ги затвори претставништвата во Германија.
Компанијата е истрајна во предлогот несогласувањата за условите на работа да ги решаваат со преговори што ќе ги модерираат посредниците од Ирска, каде што е сместено седиштето на компанијата.
Станува збор за една од најголемите нискобуџетни авиокомпании во Европа, која работи во 37 земји и која минатата година превезе 130 милиони патници.
Поради незадоволство од условите за работа, во јули вработените во компанијата штрајкуваа и во Шпанија, Белгија, Португалија и Италија. Минатиот месец во штрајк стапија и вработените на „Рајанер“ во Холандија, Шведска и Ирска.