Ekip
25 Јануари 2025•Ажурирај: 26 Јануари 2025
РАФА (АА) - Палестинските затвореници ослободени од Израел пристигнаа во Газа, минувајќи низ преминот Керем Абу Салем во Рафа, јужна Газа, со возила на Црвениот крст, јавува Анадолу.
Втората група од 200 палестински затвореници кои беа држени во израелските затвори, беа ослободени денес во рамките на договорот за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници меѓу Хамас и Израел.
Рано утрово, Хамас ослободи четири израелски војници жени, по што следеше ослободување на 200-те палестински затвореници.
Според првата фаза од договорот, од денот на прекинот на огнот во Газа, Израел сега ќе се повлече од областа на Коридорот Нецарим што ја дели северна Газа од нејзиниот југ, дозволувајќи им на раселените Палестинци да се вратат во нивните области во северна Газа.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот стапи на сила на 19 јануари, запирајќи ја израелската геноцидна војна во која се убиени речиси 47.300 Палестинци, главно жени и деца, а најмалку 111.470 се повредени од 7 октомври 2023 година досега.
Договорот за прекин на огнот во три фази вклучува размена на затвореници и одржлива смиреност, со цел трајно примирје и повлекување на израелските сили од Газа.
Како последица на израелските напади досега се исчезнати 11.000 луѓе, направено е големо уништување и создадена е хуманитарна криза.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.