Nazlı Yüzbaşıoğlu,Mehmet Şah Yılmaz
11 Јануари 2022•Ажурирај: 12 Јануари 2022
АНКАРА
Организацијата на туркиски земји (TDT) ја повтори подготвеноста да ја пружи потребната поддршка на администрацијата и народот на Казахстан во надминувањето на моменталната криза и изрази поддршка за реформската агенда на претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, што ќе ја зголеми благосостојбата на братскиот народ на Казахстан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за надворешни работи на земјите членки и набљудувачите на ТДТ одржаа вонреден онлајн состанок за развојот на настаните во Казахстан.
„По едноминутно молчење во спомен на оние што ги загубија животите за време на немирите, дојде до сеопфатна размена на идеи и мислења“, објави ТДТ во соопштение.
Беше потврдена решителната поддршка и солидарноста на Казахстан и неговиот братски народ, а беше нагласена и важноста на стабилноста на Казахстан, што е од витално значење за стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко.
Беа осудени насилните и деструктивни дела што загрозуваат животи, го нарушуваат јавниот ред и го оштетуваат имотот, а беше нагласена и довербата во способноста на казахстанските власти итно да воспостават јавен ред и мир.
Истакнувајќи ја важноста од почитување на основните норми и принципи на меѓународното право, беше истакната поддршката на казахстанската администрација во операциите против терористите, радикалите, екстремистите и криминалците што имаа за цел да го нарушат уставниот поредок во земјата.
„ТДТ ја повтори својата подготвеност да ја обезбеди потребната поддршка на Владата и народот на Казахстан во надминувањето на актуелната криза“, се вели во соопштението, наведувајќи го документот за визија за 2040 година на ТДТ како водич за координација, соработка и заемна помош во решавањето на локалните и меѓународни предизвици.
Организацијата на туркиските земји ги обединува Турција, Казахстан, Азербејџан, Киргистан и Узбекистан. Туркменистан и Унгарија се земји набљудувачи.
Станува збор за организација што е основана во 2009 година под името Турски совет, а сегашното име Организација на туркиски држави го доби на самитот што се одржа во Турција во ноември 2021 година.