Организацијата на туркиски земји: Турската Република Северен Кипар е неразделен дел од туркискиот свет
Декларацијата беше објавена по неформалниот Самит на ОТС одржан во унгарскиот главен град Будимпешта, според извори од турското Министерство за надворешни работи
ИСТАНБУЛ (АА) - Организацијата на туркиските земји (ОТС) денес, заедно со набљудувачите Унгарија и Туркменистан, ја усвои декларацијата од Будимпешта во која се наведува дека Турската Република Северен Кипар (ТРСК) претставува неразделен дел од туркискиот свет, јавува Анадолу.
Декларацијата беше објавена по неформалниот Самит на ОТС одржан во унгарскиот главен град Будимпешта, според извори од турското Министерство за надворешни работи.
Во декларацијата, усвоена од Советот на шефови на државите на 21 мај, има одредби за зајакнување на единството во рамките на организацијата, солидарност меѓу туркиските земји, силна поддршка за ТРСК и теми од посебно значење за Турција.
Изразувајќи ја солидарноста на туркискиот свет во обезбедувањето на еднакви права на кипарските Турци, лидерите повикаа на меѓусебно прифатливо и „применливо“ решение за кипарското прашање „врз основа на моментните реалности на островот“.
Тие, исто така, го поздравија придонесот на Турска Република Северен Кипар (ТРСК) во ОТС.
- Децениски спор за кипарското прашање -
Кипар е заглавен во повеќедеценискиот спор помеѓу кипарските Грци и Турци и покрај многубројните дипломатски обиди на Обединетите нации (ОН) за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа на почетокот на 1960-тите години ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклави заради безбедност.
Во 1974 година државниот удар од кипарските Грци со цел припојување на островот кон Грција доведе до воена интервенција на Турција како држава гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа во 1983 година беше формирана ТРСК.
Последниве години имаше неколку обиди за решавање на спорот, вклучително и неуспешната иницијатива во Швајцарија во 2017 година под покровителство на гарантите Турција, Грција и Велика Британија.
Администрацијата на кипарските Грци стана членка на Европската Унија (ЕУ) во 2004 година, година кога го блокираше планот на ОН за решавање на долгогодишниот спор.
- Посветеност на духот на братството во ОТС -
Лидерите ги истакнаа посветеноста на духот на братството во рамките на ОТС и важноста на спречувањето на обидите за нарушување на единството и солидарноста меѓу туркиските земји, како што е наведено во Повелбата на туркискиот свет.
Истакнувајќи го успешното одржување на 17. состанок на Советот на лидерите на OТС во Гирне, Турска Република Северен Кипар, на 1 и 2 мај 2025 година, лидерите ја нагласија волјата на земјите членки да ги зајакнат политичката солидарност и меѓусебната поддршка за прашања што се од витално значење за нивните национални интереси, како што е наведено во Документот за визија на туркискиот свет до 2040 година.
Тие, исто така, ги охрабрија набљудувачите, вклучително и ТРСК, да организираат програми за размена и активности во областа на младите и спортот.
- Почитување на регионалната улога на Турција -
Лидерите изразија признание за конструктивната улога на Турција во воспоставувањето безбедност и стабилност во Сирија, како и во спроведувањето инклузивен политички процес со учество на сите страни и во олеснувањето на санкциите.
Во врска со ситуацијата во Газа, лидерите изразија длабока загриженост и ја повторија поддршката за преговори за траен прекин на огнот, ослободување на заложниците и непречен хуманитарен пристап.
Тие го осудија секој обид за принудно раселување на Палестинците од Газа и ја потенцираа потребата од праведно и трајно решение на израелско-палестинскиот конфликт преку имплементација на решението за две држави врз основа на границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град на палестинската држава.
- Формирана Работна група за Авганистан -
Лидерите го поздравија формирањето Работна група за Авганистан, која ќе го олесни развивање на заеднички став меѓу земјите членки на ОТС во однос на прашањата поврзани со Авганистан. За ова прашање беше усвоена и посебна заедничка изјава.
Исто така, Секретаријатот на ОТС доби задача да организира манифестации и прослави по повод празникот Новруз, како заеднички празник на туркискиот свет, во соработка со членките и набљудувачите, како и со турските организации за соработка во согласност со повикот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од 21 март 2025 година.
Исто така, лидерите ја повторија својата посветеност на продолжувањето на соработката во борбата против сите форми на расизам, дискриминација, ксенофобија, омраза кон исламот, говор на омраза и дезинформации, како и координирање на напорите на меѓународните платформи во овие области.
- Повик за заедничка борба против тероризмот и киберкриминалот -
Лидерите ги охрабрија земјите членки на ОТС да продолжат со заеднички напори во борбата против сите форми на тероризам, транснационален организиран криминал, финансирање тероризам и киберкриминал.
Тие ја повторија својата волја за развој на ефикасна мултилатерална соработка во областа на одбранбената индустрија и ги задолжија земјите членки да ги интензивираат напорите во оваа насока.
Повикувајќи се на важните кандидатури на туркиските земји во ОН и други меѓународни организации, лидерите ја поздравија кандидатурата на Турција за привремено членство во Советот за безбедност на ОН за периодот од 2037 до 2038 година, во Извршниот одбор на УНЕСКО за периодот од 2025 до 2029 година и во Економскиот и социјален совет на ОН (ЕКОСОК) за периодот од 2026 до 2028 година.
Тие, исто така, го поздравија доделувањето на Меѓународната награда „Али Сер Неваи“ на ОТС на светски познатиот научник и добитник на Нобелова награда, професор Азиз Санџар, за неговиот придонес кон единството на туркискиот свет.
Наградата му беше врачена во рамките на програмата на самитот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
