Burak Karacaoğlu,Eşref Musa,Adham Kako
21 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - Вооружените сили на Турција (ТСК) и Слободната војска на Сирија во текот на операцијата „Маслинова гранка“ го ослободија селото Уверкан во подрачјето на Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Турските сили и Слободната сириска војска го ослободија селото Уверкан, во подрачјето на Шаран од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ.
Од почетокот на операцијата, покрената на 20 јануари, ослободени се вкупно 90 точки, меѓу кои еден центар на град, 68 села, 20 стратешки планини и ридови и база на припадниците на ЈПГ/ПКК.
Во споменатата операција во вчерашните попладневни часови беше ослободено селото Даир Саван, со што е пресечен пристапот на терористите од Африн во турскиот град Килис.
Генералштабот на Војската на Турција утринава соопшти дека турските сили во изминатите 24 часа уништиле неколку терористички упоришта и дека во операцијата се неутрализирани вкупно 1.780 припадници на терористичките организации ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ.
Прорежимските сириски медиуми вчера објавија дека режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и терористите на ПЈД/ЈПГ постигнале договор според кој во Африн се пратени прорежимски единици таканаречени „народна одбрана“. Конвој на терористичките сили лојални на сирискиот режим се обиде од правецот на местото Нубул Зехра да влезе во центарот на Африн, но се повлече 10 километри од Африн откако турските сили упатија предупредувачки артилериски оган.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
Терористите на ПЈД/ПКК под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.