Ikrame Imane Kouachi
26 Октомври 2024•Ажурирај: 27 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Претставничката за хуманитарна помош на Обединетите нации (ОН), Џојс Мсуја, денес предупреди дека во услови на брзо влошување на ситуацијата и жесток, повеќенеделен притисок од израелската армија, „целото население на Северна Газа е во опасност да умре“, јавува Анадолу.
„Болниците се погодени, а здравствените работници се приведени. Засолништата се испразнети и запалени“, рече Мсуја, вршителката на должноста заменик генерален секретар за хуманитарни прашања и координатор за итна помош.
Мсуја го нагласи алармантното влијание на израелските напади врз здравствениот сектор и цивилната безбедност, како и маката на службите за итна помош, истакнувајќи дека тие се „спречени да спасуваат луѓе од под урнатините“.
Претставничката на ОН изрази длабока загриженост за цивилното население истакнувајќи дека „семејствата се раздвоени, а мажите и момчињата се носат со камиони“.
Израелското насилство резултираше со „стотици убиени Палестинци“, а „десетици илјади повторно се принудени да бегаат“, рече таа.
Мсуја предупреди дека „целото население на Северна Газа е изложено на ризик да умре“, осудувајќи ги тековните напади и блокада како што покажуваат „еклатантно непочитување на основната човечност и на законите на војување“.
Таа повика на итна меѓународна акција за запирање на насилството и заштита на цивилите во регионот.
Копнените упади и бомбардирањата на израелската армија продолжуваат низ северниот дел на Газа, а силите вршат притисок за принудно раселување на Палестинците.
Непочитувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот, Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 43.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а над 100.000 се повредени.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите акции во Газа.