Ömer Faruk Yıldız
17 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
ЖЕНЕВА (АА) ‒ Комитетот на Обединетите нации за елиминација на расната дискриминација (ICERD) соопшти дека е формирана специјална Комисија за помирување за решавање на споровите меѓу Палестина и Израел во однос на расната дискриминација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмената изјава дадена од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН, се нагласува дека државите Израел и Палестина се страни на Конвенцијата ИКЕРД во рамките на ОН и дека секоја држава може да поднесе жалба против друга држава за која мисли дека спроведува расна дискриминација во согласност со конвенцијата.
Пред да се формира комисијата, на 19 јануари и 10 февруари одржани се прелиминарни состаноци, а за претседател на Комисијата е избран членот на ИКЕРД, доц. д-р Ѓун Кут.
Комисијата, која ќе ги испита соодветните документи на Палестина за расната дискриминација во Израел, ќе даде препораки до страните за решавање на проблемите меѓу двете држави.
Конвенцијата за Комитетот за елиминација на расната дискриминација, усвоена од ОН во 1965 година, досега е ратификувана од 179 земји.