свет

ОН усвоија резолуција со која се бара итно воспоставување примирје во Либија

Со резолуцијата се повикуваат и сите земји и меѓународни актери што присуствуваа на Берлинската конференција за Либија, на 19 јануари, да ги исполнат своите обврски

Davut Demircan  | 13.02.2020 - Обновена : 13.02.2020
ОН усвоија резолуција со која се бара итно воспоставување примирје во Либија

ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) усвои резолуција со која се предвидува мултинационална операција за надзор на трајниот прекин на огнот во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Резолуцијата, која ја поднесе Велика Британија, повикува на итно примирје, ставање крај на снабдувањето со оружје на двете страни, на почитување на ембаргото за увоз на оружје во таа земја, повлекување на платениците и забрана за мешање на членките на ОН во кризата во Либија.

Предлогот е усвоен со 14 гласа „за“, додека Русија беше воздржана поради изјавата за повлекување на платениците.

Со одлуката, исто така, се повикуваат сите земји и меѓународни актери што присуствуваа на Берлинската конференција за Либија, на 19 јануари, да ги исполнат своите обврски.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, е задолжен да го подготви извештајот со потребните услови и предлози потребни за надзор на почитувањето на примирјето во Либија.

Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен Моамер Гадафи. Оттогаш се води борба за доминација меѓу ривалските табори со седиште во Триполи и Тобрук.

Нелегитимните сили предводени од Калифа Хафтар во април минатата година започнаа напад на Триполи, каде што се наоѓа седиштето на меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, на чело со Фајез ал Сараџ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.