Betül Yürük
15 Февруари 2021•Ажурирај: 23 Февруари 2021
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази загриженост за употребата на сила кон демонстрантите од страна на Армијата на Мјанмар и повика да се почитува правото на мирно собирање и демонстрантите да не бидат на нишан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Кабинетот на генералниот секретар на Обединетите нации, Стефан Дужарик, истакна дека Гутереш во својата изјава искажал загриженост за распоредувањето дополнителни оклопни возила во поголемите градови.
Повикувајќи ги Армијата и полицијата на Мјанмар да го почитуваат правото на мирно собирање и да не ги земаат демонстрантите на нишан, Гутереш рече дека „употребата на сила, заплашувањето и малтретирањето од страна на безбедносните сили се неприфатливи“.
Гутереш додаде дека притворањето на политичките лидери, владините претставници, членовите на граѓанското општество и медиумските работници е крајно загрижувачко, и дека пристапот до интернет и до комуникациските услуги што обезбедуваат слобода на изразување не треба да биде ограничен.
Повикувајќи на заштита на човековите права и основните слободи во Мјанмар, Гутереш исто така ја повика Армијата на Мјанмар да ѝ дозволи на Кристине Шранер Бургенер, специјален пратеник на ОН за Мјанмар, да влезе во земјата за да ја процени ситуацијата од прва рака.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.