Peter Kenny
19 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Ситуацијата во Либија по поплавите е „катастрофална“, а нивото на разорување е немерливо, соопшти официјалната претставничка на ОН денес, известува Анадолу.
„Хуманитарен работник сум веќе 17 годни и ова е една од најстрашните катастрофи на кои сум била сведок“, изјави Рана Ксаифи, помошничката на шефот на мисијата на ОН во Либија.
Ксаифи рече дека нивото на разорување по поплавите е немерливо.
„Видов речиси потполно потопени куќи, згради, продавници и болници“, додаде таа.
Според Канцеларијата на ОН за координација со хуманитарни работи (OCHA), најмалку 3.958 лица ги загубија животите од поплавите низ Либија, со што беше ревидиран претходно пријавениот број на загинати, кој изнесуваше дури 11.300.
Во саботата, шефот на источнолибиската влада, Осама Хамад, рече дека досега се погребани 3.252 лица. Повеќе од 40.000 луѓе се раселени низ североисточните подрачја на Либија поради смртоносните поплави, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации.