Can Erözden
31 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Речиси 5.000 луѓе ја напуштаат Венецуела секој ден, соопшти Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, јавува Anadolu Agency (AA).
Џоунг-ах Гедини-Вилијамс, портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), на прес-конференција во седиштето на ОН изјави дека Венецуелците ја напуштаат земјата поради нестабилноста и несигурноста поради настанатата криза во врска со претседателствувањето.
„Бразил, Колумбија, Еквадор и Перу сѐ уште се земјите кои примаат најголем број Венецуелци“, рече Гедини-Вилијамс.
Податоците на УНХЦР покажуваат дека од 2015 година земјата ја напуштиле 3 милиони Венецуелци.
Минатата недела, Хуан Гваидо, лидерот на венецуелското национално Собрание предводено од опозицијата, се самопрогласи за претседател, потег кој веднаш беше поддржан од американскиот претседател Доналд Трамп, Канада и од повеќето латиноамерикански земји.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, набргу возврати, прекинувајќи ги дипломатските односи со Вашингтон и ги обвини САД за организирање државен удар против неговата власт.
Во Венецуела се одржуваат протести од 10 јануари, откога Мадуро положи заклетва за својот втор мандат по гласањето кое беше бојкотирано од опозицијата.