свет

ОН: На рекордни 168 милиони лица им е потребна хуманитарна помош

- Во годишниот извештај на Обединетите нации (ОН) објавен денес се вели дека на едно од секои 45 лица на планетата му е потребна храна, засолниште, здравствена нега, итно образование, заштита и друга основна помош

Ekip  | 04.12.2019 - Обновена : 10.12.2019
ОН: На рекордни 168 милиони лица им е потребна хуманитарна помош

ЖЕНЕВА

Во годишниот извештај на Обединетите нации (ОН) објавен денес се вели дека на едно од секои 45 лица на планетата му е потребна храна, засолниште, здравствена нега, итно образование, заштита и друга основна помош, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Глобалниот хуманитарен преглед 2020 се заснова на потребите во Авганистан, Буркина Фасо, Бурунди, Камерун, Централната Африканска Република, Чад, Демократската Република Конго, Етиопија, Хаити, Ирак, Либија, Мали, Мјанмар, Нигер, Нигерија, окупирани палестински територии, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Украина, Венецуела и Јемен.

„Во 2019 година, на многу повеќе луѓе им беше потребна помош отколку пред една година. Причината е затоа што повеќе луѓе беа погодени од конфликти и од климатските промени отколку што мислевме“, рече координаторот за помош на ОН, Марк Лоукок.

Во извештајот на ОН се вели дека на рекордни 168 милиони лица ќе им биде потребна хуманарна помош и заштита во 2020 година.

Лоукок, исто така, истакна дека во вооружените конфликти има рекорден број убиени и осакатени деца.

„Климатските промени, конфиликтите и економската нестабилност уништуваат милиони животи“, изјави тој, нагласувајќи дека заедно со распаѓачките економии, тие турнале милиони лица на работ на опстанок.

Меѓународниот фонд за вонредни состојби на Обединетите нации (УНИЦЕФ) го објави својот вонреден апел од 4,2 милијарди американски долари во 2020 година, за да стигне до 59 милиони деца со поддршка за живот во 64 земји низ целиот свет.

Петте најголеми индивидуални апели на УНИЦЕФ се за сириските бегалци и заедниците во Египет, Јордан, Либан, Ирак и Турција (864,1 милиони долари); Јемен (535 милиони долари); Сирија (294,8 милиони долари); Демократска Република Конго (262,7 милиони долари); и Јужен Судан (180,5 милиони долари).

УНИЦЕФ соопшти дека тоа е досега најголемото барање на донатори, што претставува 3,5 пати повеќе од бараните средства во 2010 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.